Актуелно

Градењето капацитети и вештини – една од клучните компоненти за развој на еко системот на социјалните претпријатија

Денеска завршува повикот за учество во едукативна и развојна програма за основање нови социјални претпријатија и јакнење на новоформирани, во организација на Центарот за развој на претприемачи и менаџери CEED Македонија и Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“, во рамки на проектот „Социјални претпријатија – мост помеѓу социјалните претпријатија и традиционалните бизниси (SE-Bridge)“, финансиран од Европската унија, како дел од Програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Албанија

Обуката која се планира за 17, 18 и 19 октомври, наменета е за поединци, тимови од две или повеќе лица, здруженија на граѓани, месни заедници и други соодветни кандидати кои имаат идеја за отпочнување на ново социјално претпријатие, или пак имаат новоформирано социјално претпријатие чиј модел допрва треба да се развива и јакне, и при тоа доаѓаат од Југозападниот или Пелагонискиот регион во Македонија. 

Ваков тип едукативна и развојна обука за социјално претприемништво во изминатиов период се одржа и во Струга, Битола и во Пешкопи, Албанија, (во соработка со партнерските организации, Центарот за обука на рурални жени од регионот Дибер, „Агритра Визион“, и ЦЕЕД Албанија), а наскоро, во рамки на проектот, ќе следуваат и нови повици за учество во програмата.

Учесниците, по завршената обука, имаат можност поефективно да го разработат својот бизнис модел, да ги зајакнат бизнис и менаџерските вештини, но, и свесноста за можностите за соработка со традиционалниот бизнис сектор.

- Градењето капацитети и вештини на социјалните претприемачи претставува една од клучните компоненти за развој на еко системот во кој оперираат социјалните претпријатија. Воедно, истражувањата на „Паблик“ во оваа сфера потврдуваат дека оваа компонента е недоволно развиена, особено на локално ниво - вели истражувачката Александра Илоска, дел од обучувачите во рамките на оваа програма.

Обуките во Струга, Битола и Пешкопи, Албанија, досега ги посетија претставници на над 15 социјални претпријатија стартапи, кои работат на развој на решенија за идентификувани локални проблеми како: унапредување на услугите за старите лица, селекција, рециклирање и реупотреба на отпад од пластика, обе збедување на инклузивни работни места за лица кои живеат со попречености и/или ретки болести, социо-економско зајакнување на жени од руралните делови на Македонија, унапредување на услугите во градинките и децата во претшколска возраст, упапредување на социјалните услуги и на културниот проток на локално ниво, и слично.

Учесниците поминаа низ два циклуси обуки за развој на бизнис модел Канвас, експлицитно дизајниран за социјалните претпријатија, а како резултат на обуките, беа развиени вкупно 17 Business Canvas модели.

Инаку, најдобрите три учесници од програмите организирани во рамките на проектот добиваат грантови од по 3000 евра кои ќе треба да ги искористат за развој на своите новоформирани или постоечки социјални претпријатија.


09.10.2018