Актуелно

НОВА ПУБЛИКАЦИЈА ВО ИЗДАНИЕ НА ПАБЛИК: Каков е импактот на граѓанскиот сектор врз општествените промени?

Граѓанскиот сектор и општествените промени - вклученост и влијание е нова публикација во издание на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“, резултат на спроведено истражување во текот на 2016 и 2017 година.

Овој документ на политики става светло врз граѓанскиот сектор во периодот од Рамковниот договор до крајот на 2016 година, со фокус на промените во сферата на образованието, здравството, културата, социјална сфера и на медиумите. Но, се осврнува и на настани што се случија по 2016 година, кои беа особено важни за општествената улога на граѓанскиот сектор во Македонија.

Во согласност со теренското истражување, граѓанските организации во Македонија создаваат социјален и интелектуален капитал што е важен ресурс за промена на структурата на системот, преземаат одредени функции од јавните институции, како децентрализацијата на социјалните услуги, што го промени начинот на системската грижа за лицата со посебни потреби и ја хуманизираше нивната интеграција во заедницата. И промените кон демократизација и граѓанизација на јавната сфера беа поттикнати од граѓанскиот сектор, а тие станаа и партнери на институциите во спроведувањето на превентивните програми и се доближија до ранливите групи повеќе отколку што им успеа на институциите, стои во публикацијата, резултат на истражувањето „Граѓанското општество – активен или пасивен чинител во општествените промени“, спроведено во рамки на програмата за поддршка на граѓанското општество „Цивика мобилитас“.

Деинституционализацијата во социјалната сфера, која ја предводеше граѓанскиот сектор, го промени начинот на системската грижа за лицата со посебни потреби и ја хуманизираше нивната интеграција во заедницата, се нагласува во воведот на документот.

Овој сектор има и клучна улога во редефинирање на релациите меѓу актерите на општествената сцена, а соработката меѓу општините и граѓанските организации е неопходна во насока на ефикасното адресирање на локалните предизвици. Во исто време, овој сектор воведе и иновативни модели на управување и на дејствување и тоа, не само во рамките на организирањето и на управувањето, (флексибилно време, споделување простор меѓу организации) туку и во однос на јавните институции преку отворање на соработката со граѓанските организации“, стои во публикацијата.



Целата публикација на линкот:
Граѓанскиот сектор и општествените промени (вклученост и влијание)