Актуелно

Претставување на резултатите од третото мерење на Индексот на клиентелизам во медиумите

На настанот „Индекс на клиентелизам во медиумите: Мерење на реалноста", што ќе се одржи утре (15. декември) во 11.00 часот во „ЕУ Инфо центар“ во организација на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“,
ќе бидат презентирани резултатите од третото мерење на Индексот на клиентелизам во медиумите во Македонија.
По презентацијата, свои видувања на тема: Клиентелизмот во медиумите, ќе споделат и д-р Снежана Трпевска, експерт за медиумско право и медиумска политика, („Општествените и политичките услови што поттикнуваат клиентелизам и инструментализација на медиумите“), и Јасмина Јакимова, уредничка во Радио МОФ, („Улогата на непрофитните медиуми во борбата против клиентелизмот“).
Во рамки на овој настан ќе биде промовиран и новиот број на уличното списание „Лице в лице“, посветен на медиумите на иднината.

Инаку, Индексот на клиентелизам во медиумите (МЦИ), врз основа на емпириски податоци, ги мери политичките влијанија врз медиумите, постоечката регулативна рамка, институционалната поставеност и клучните економетриски мерења на реалноста во која работат медиумите и новинарите од Југоисточна Европа.
Методологијата за негова изработка се базира на научната работа на проф. д-р Лавослав Чакловиќ од Математичкиот оддел на Природно математичкиот факултет при Универзитетот во Загреб.

Резултатите од мерењето на Индексот за клиентелизам во медиумите (MCI - Media Clientelism Index) ќе бидат презентирани, освен во Македонија, симултано и во останатите земји кои се покриени во ова истражување, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Романија.

Индексот ги опфаќа сите клучни прашања кои се однесуваат на насоките на Европската комисија за развој на слободата на медиумите, како и насоките на постоечките индекси кои ги мерат медиумските слободи (како Фридом хаус, Репортери без граници итн).
MCI дава детален увид и во сите апекти од функцинирањето на медиумите/носителите на одлуки, како и на оние кои сакаат да учествуваат во јавните расправи за медиумските политики.

Фото: Томислав Георгиев

14.12.2017